Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно седум пожари на отворено во државата во последното деноноќие.
Регионалните ЦУК Скопје и Битола информирале за по два, РЦУК Охрид, РЦУК Штип и РЦУК Куманово за по еден изгаснат пожар на отворено.
ОД ЦУК соопштуваат за ретка, но сепак опасна ситуација при што е отстранета опасност од истечен хлор во филтер станица.
- РЦУК Штип информира дека пожарникарите од ТППЕ Виница вчера од 08:00 до 11:00 часот, имале техничка интервенција на испукана боца со хлор од 50 кг. во филтер станицата. Интервенирале со две возила, четири пожарникари и четири други лица. Нема повредени лица, но на вработените во филтер станицата во Виница им е даден кислород, заради можност од вдишување на отровниот гас, се наведува во соопштението.
Центарот за управување со кризи соопшти дека во последното деноноќие имало вкупно 1 920 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 47,40 отсто, а 52,60 проценти за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 71,20 отсто, кон итната медицинска помош 23,20 отсто, а кон пожарникарите 3,60 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.