Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти го предводи, според многумина, најдобриот клуб на планетата на кој многумина му позавидуваат, но ни оддалеку не му било лесно.

Славниот Италијанец, еден од најдобрите фудбалски тренери во светот, го кажа своето мислење за работата во мадридскиот гигант.

-Ја сакам мојата работа, особено сега во Реал Мадрид. Мислам дека ова е најдоброто место. Но, оваа работа носи повеќе страдање отколку среќа, затоа што има многу тешкотии со кои треба да се справите. И покрај победите, сепак има луѓе кои не се среќни, секогаш ќе има играч кој е разочаран што не игра или нешто слично. Сето тоа влијае на вас. Можете да споделите радост, но не можете да споделите страдање. Добро ми оди, но тоа е повеќе страдање отколку среќа, изјави тој за „Марка“.

Анчелоти има 67 години и на кормилото на Реал Мадрид е од 2021 година. Во моментов кралскиот клуб води на табелата во Примера со 66 бодови, пред Џирона (59), Барселона (58) и Атлетико Мадрид (55).

Славниот Италијанец во досегашната кариера беше тренер на точно 10 клубови, плус извесен период беше и асистент во италијанската репрезентација. Исто така, Реал Мадрид е единствениот клуб кој го водел два пати. Досега, покрај Мадрид, ги тренираше Реџина, Парма, Јувентус, Милан, Челси, ПСЖ, Баерн, Наполи и Евертон.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/03/2024 04:19