Меѓународниот ден на жената во Битола се одбележа со историски час на тема „Три епизоди од историјата на жените“, посветен за историјата на жените од македонското и светското минато.
На историскиот час во Битола, историчарката Ивана Хаџиевска говореше за учителките Недела и Станислава Петкови и за важноста на образованието на девојчињата на преминот помеѓу 19 и 20 век, како и за создавањето на првото женско списание „Македонка – Орган на АФЖ“, а Фатма Бајрам Аземовска говореше за како што рече, за дел од жените кои го променија светот. -Жените низ годините, со нивната храброст и одлучност се доказ дека не секогаш женскиот пол е и понежниот. Тешко е да се набројат сите жени кои придонеле денес да живееме подобро, истакна Бајрам Аземовска.
Пред аудиториумот во Битола, Викторија Михајловска од невладината огранизација „Сумнал“ зборуваше за проектот „Ромски школи за феминизам и лидерство во Европа“.
Од НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола, домаќин и организатор на настанот информираа дека од денеска за битолските основци и средношколци е објавен повик за пишување есеи на тема „Историјата на жените од македонското минато до денеска“.