Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, му даде денеска целосна поддршка на првиот човек на италијанскиот фудбал Габриеле Гравина, кој е обвинет за проневера и перење пари.

Гравина, кој е и потпретседател на УЕФА, се товари дека незаконски трошел пари од продажба на телевизиски права во 2018 година за да купи колекција средновековни книги и куќа во Милано.

Претседателот на Фудбалската федерација на Италија ги отфрли обвинувањата, а неговиот адвокатски тим во средата на обвинителите им доставија обемна документација која, наводно, докажува дека Гравина не е виновен.

„Апсолутно верувам дека сè ќе објасни. Тој ја има мојата полна поддршка. Проблем е што штетата веќе е направена, но за жал живееме во навистина ужасни времиња. Многу добро го познавам и го сметам за чесен и угледен човек и прекрасен фудбалски директор“, изјави Чеферин за „Газета дело Спорт“.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/03/2024 04:47