Со тактичко-технички збор насловен како „Ние сме НАТО“, денеска во Градскиот парк во Струмица Армијата го почна одбележувањето на 75 години од формирањето на НАТО Алијансата и четири години од членството на Реепублика Македонија.

Во обраќањето пред присутните граѓани, официјалниот спикер истакна дека покрај одбележувањето на 75 години од формирањето на НАТО, денеска се одбележува и четири години од членството на нашата држава во Алијансата, откако на 27 март 2020 година станавме 30 земја членка на НАТО.

-Со зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО се реализираше една од нашите најважни стратешки цели која беше заеднички зацртана со едногласно одлука на Собранието уште во 1993 година. Членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност и претставува најсилна гаранција за територијалниот интегритет и суверенитет на Република Северна Македонија. Ние сме еднаков дел од големото семејство на развиени демократии кое обединува безмалку 1 милијарда луѓе и 50 отсто од светскиот БДП, беше истакнато на тактичко-техничкиот збор.

Присутните граѓани можеа да видат дел од вештините, вооружувањето, борбените системи и опремата со кои располага Армијата, а на штандовите можеше да се проследи и промоција на Воената академија „Михајло Апостолски“.

Настанот беше збогатен со настап на Воениот оркестар на Армијата, а не изостана и традицоналното војничко гравче кое беше поделено на присутните.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/03/2024 04:00