Општина Битола, Еврејскта заедница во Република Македонија и Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија со „Поворка на живите“ што се одржа од еврејското маало до Железничката станица, одбележаа 81 година од холокаустот на битолските Евреи.

Комеморативната програмта почна со оддавање почит пред споменикот на депортираните Евреи од Битола - „Камена менора“ и споменикот на народната хероина Естреа Овадија Мара, каде цвеќе положија министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничките Марија Кочовска, Олга Лозановска и Силвана Ангелевска, амбасадорката на Германија во земјава Петра Дрекслер и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

-Битола како културен и историски центар, но и град страдалник, град кој и 81 година по депортацијата на битолските Евреи не заборава на 11 март, не го заборава трагичниот ден и оддава почит на своите сограѓани. Целта е да паметиме и да не заборавиме, да не се повторуваат тие тажни моменти, а ние како Битола и битолчани, секогаш ќе го чуваме споменот за нашите сограѓани и ќе го чуваме во нашата меморија, истакна градоначалникот Коњановски.

Според востановената традиција во Битола пристигнаа повеќе гости од Израел, од Еврејската заедница во Македонија, организации, студенти и ученици кои положија цвеќе на Еврејските гробишта во овој град.

-Денеска е денот кога се сеќаваме на едно многу тешко време, на денот кога најголем дел од нашите претци беа собрани и од бугарскиот фашистичкиот окупатор однесени во логор каде никој не преживеа. Битола е град за кој секогаш со љубов зборуваме за нашите претци, се сеќаваме на убавиот соживот, на приказните што сме ги дознале од нашите претци, за другарството и пријателството, за соработката во чаршијата и за дружењата меѓу соседите. За жал, ова е време кога не треба да заборавиме дека и денеска во светот постојат вакви лоши моменти и чувства и затоа сакаме да ја пренесеме пораката дека ова никогаш не треба да се повтори, нагласи Здравко Шами, поранеше претседател на Еврејската заедница во Македонија, во моментов претставник на Еврејската дијаспора.

Во „Поворка на живите“ од Здравствен дом „д-р Хаим Абраванел“ до железничката станица се вклучија и претставници на невладини организации и граѓани на Битола, кои на шините поставија цвеќе во знак на сеќавање и почит на битолските Евреи кои на 11 март 1943 година беа депортирани во логорот на смртта Треблинка



Автор: Администратор
Објавено на: 10/03/2024 20:20