Здружението на македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова" од Штип денеска организираше Панихида за паднатите борци, жртви од Егејска Македонија во црквата „Свети Константин и Елена“ во штипската населбата Балканска. Трајче Димоков од здружението „Мирка Гинова“ истакна дека денеска најмалку што можe да се направи е и да им се даде почит на паднатите борци во Граѓанската војна.

-Ние во овој момент ги испочитуваме повеќе од 120 загинати борци, чии семејства се доселиле и живеат во Штип. Нивните семејства живеат во Штип и штипско. Во рамките на таа борба има загинато илјадници луѓе, вели Димков.

Неговиот татко, Стојан Димков е жив сведок на настаните и со емоции ја раскажува голготата на семејствата, кои имаат некој близок член загинат во оваа Граѓанска војна, но и патот на иселувањето децата бегалци од Егејска Македонија.

-Само од моето село Пожарско има во оваа војна загинато 75 луѓе, а од моето семејство имам околу 10 члена загинато. Бегањето беше многу тешко,зимно време. Семејствата од своите домови земаа она што им е најпотребно, вели Димков.

Александар Јаневски претседател на Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејска Македонија „Македон“ истакна дека денеска се одбележуваат 76 години од егзодусот на насилно прогонетите Македонци од Егејска Македонија.

-За жал најголеми жртви беа децата раселени низ целиот свет, но гледаме дека историјата ни се повторува. Затоа ние како Сојуз повикуваме на семакедонско обединување и помирување, вели Јаневски.

Посочува дека ќе продолжат да бараат и да се исполнат барања Македонците кои останаа да живеат во овој дел да учат и се образуваат на својот мајчин македонски јазик, како и правото на здружување и организирање, но и обештетување на прогенетите Македонци, кои имаат имоти и куќи во Грција.

Пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија, Никола Мицевски истакна дека денеска е ден за споменување на македонските борци кои се бореле во Граѓанската војна.

-Борбата на македонскиот народ е традиционална, борбата на македонскиот народ продолжува. Затоа сме и тука за да ги чевствуваме жртвите кои го дале својот живот, вели Мицевски.

На одбележувањето на 76 годишнината присуствуваа делегации од локални институции, здруженија, како и семејства на загинатите борци.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2024 00:38