Претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, кој ја предводи партиската делегација, продолжува со средби во Брисел, на кои своите соговорници ги запознава со положбата и проблемите на Македонците во Албанија.

Последна од повеќето средби е онаа со Кармен Смит, најмладиот член на Домот на лордовите во Парламентот на Обединетото Кралство.

- Се чувствувам навистина привилегиран што имав можност за пријатна средба во Брисел со Кармен Смит, најмладиот член на Домот на лордовите во Парламентот на Обединетото Кралство. Оваа средба ми овозможи да ја запознам со состојбата на Македонците во Албанија. Исто така, зборувавме за можностите и предизвиците со кои се соочуваат Македонците од Република Албанија, што живеат и работат во Обединетото Кралство и за различните аспекти поврзани со нивната интеграција, пишува тој на објава на Фејсбук

Со голема радост, додава, ја прифатил поканата на Смит за посета на парламентот на Обединетото кралство и продолжување на соработката.

- Во Брисел, имав чест да се сретнам со европратеникот Жорди Соле, непоколеблив борец за човекови и малцински права во Европскиот парламент. Ја искористив оваа можност да го информирам за положбата на македонското малцинство во Албанија. Искрени разговори, продуктивна средба, напиша Стерјовски.

Претходно се сретна со претседателката на, Европската слободна алијанса, ЕФА, Лорена Лопез де Лакал, каде МАЕИ едногласно беше примена за полноправна членка на Генерално собрание одржано на 7 месецов, како и со европратеникот Франсоа Алфонси и европратеничката Ана Миранда.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/03/2024 13:54