Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски вечерва, коментирајќи ги актуелните случувања во агро секторот, оцени дека е лицемерно пред избори да се ставаат во функција системи кои „не се пипнати“ седум години.

Трипуновски во гостување на ТВ Сител обвини дека се доцни со исплатата на 3,349 милијарди денари земјоделски субвенции или близу 55 милиони евра, дека ресорниот министер Љупчо Николовски правел злоупотреби при распределбата на средствата за малите винарии, како и дека речиси 200 земјоделци имаат проблем со продолжување на договорите за закуп на земјиштето.

Според Трипуновски, браната „Конско“ е проект на ВМРО-ДПМНЕ, а актуелната Влада доцни со реализацијата.

-Николовски целиот проект го припиша на сегашната Влада, иако замислата беше на ВМРО-ДПМНЕ. Проектната документација е почната во 2012 година и од тогаш, всушност, стартува реализацијата на овој капитален проект. Договорoт за изведување на работите е потпишан во 2015 година, а одобрението за градење е од 2017 година, потпишано од тогашниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски. Значи, целата идеја е на ВМРО-ДПМНЕ. Завчерашната „собиранка“ беше за завршување на првата фаза од инвестицијата. Првата фаза доцни три години, а и не е 100 процентно изградена, акумулацијата не може да се наполни со вода зашто имаме обврски кон приватни сопственици на површини кои се дел од акумулацијата, рече Трипуновски.

За тие три години, додаде, земјава ќе треба да плаќа пенали во однос на втората фаза.

-Ако пред три години почнеше изградбата на втората фаза, во 2025 година водата ќе стигнеше до земјоделските површини, а сега, во најдобар рок на изградба, тоа ќе се случи за минимум четири години од денеска, подвлече дополнителниот заменик министер.

Тој прочита и дел од конечниот ревизорски извештај за користењето на водите за наводнување во кој, како заклучок, истакна, се наведува дека „донесените политики и презементите мерки и активности од надлежните органи и вршителите на водостопанска дејност не обезбедуваат рационално и ефикасно користење на водите за наводнување и добро управување со системите за наводнување“.

Во однос на закупот на земјоделското земјиште, Трипуновски нагласи дека во Светиниколско засега има 88 раскинати договори, во државата до овој момент се околу 196, а до крајот на мај ќе станат 400.

Во врска, пак, со поддршката на малите винарии, изнесувајќи статистички податоци, Трипуновски ги отфрли како неточни тврдењата на Николовски, дека тие креираат додадена вредност од аспект на извозот.

-Долг е списокот на луѓе кои земале пари, а се блиски до актуелната власт. Мерките се исплаќаат преку Платежната агенција, а министерот прави паралелни програми, надвор од оваа институција, со тричлена комисија дели средства. Начинот на кој се делат средствата е сериозна злоупотреба, а до денес не е направена контрола дали тие се навистина инвестирани, рече дополнителниот заменик министер за земјоделство.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2024 05:53