Учениците од штипските основни училишта заедно со наставниот кадар денеска беа дел од работилниците од кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“, која ја реализира општествено одговорната компанија „Макпетрол“.
Психологот Деспина Стојановска истакна дека учениците од штипските училишта денеска отворено говореа за булингот и според стручната фела добро е што го препознаваат меѓуврсничкото насилство, но им треба охрабрување да го пријават кај родителите, наставниците, психолозите.
Таа посочува дека целта на кампањата е децата да се изградат во добри луѓе, со високи вредности и општество во кое ќе може да живее убаво, здраво, среќно. Стојановска вели дека со учениците имаат интерактивни работлници, во кои децата се вклучени со свои идеи, но и примери низ кои тие лично минуваат.
-Насоките се да ги градат јаките вредности, јаките страни во нивните личности. Сега се во процес, во адолесценција, кога интензивно се соочуваат со разни случки и доживувања, како да изградат еден систем на вредности, којшто ќе понуди и за нив, но и за општеството еден убав квалитет на живот. Насоките се претежно во тоа да ги препознаваат вистинските вредности и во рамки на другарство, соработка, многу зборуваме и за емпатија, како да се помогне кога некој се наоѓа во некоја неволја, наспроти сите оние однесувања кои за жал ги гледаме често, а тоа е на штета на другиот некое детенце да се истакне себе си преку негативна спрега на однесување, вели Стојановска.
Кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ е почната од октомври лани. Според психологот Стојановска радува фактот што децата ја препознават кампања, а сајтот е се повеќе посетуван, каде се даваат насоки, за тоа што значи да се биде добар човек, но и како да се спречи врсничкото насилство.
-Директни показатели се уште немаме, бидејќи се уште не сме правеле истражување во тој правец. Меѓутоа многу често добивам повратни информации од училишниот персонал, а досега околу 6.500 деца ја поминаа работилницата дека е остварен интерес кај децата, има нови начини на размислување, видување, не можам да кажам дека врсничкото насилство е намалено, меѓутоа можам да кажам дека мотивирани се психолозите, педагозите во училиштата активно да работат во надминување на истото, рече Стојановска.
Во рамки на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ сите училишта кои се вклучени во кампата добиваат и материјали за работа со учениците во текот на целата година, кои можат да се реализираат, а секое дете ќе помине и четири различни работилници за да може преку различни аспекти да се посвети внимание на темата против врсничкото насилтсво.
Психологот Стојановска очекува и се надева дека по завршување на циклусот од четирите работилници ќе има промената слика, од она што досега го гледавме на темата врсничко насилство.