Земјоделците кои немаат аплицирано за дополнителни субвенции за 2023 година, ќе добијат можност тоа да го сторат оваа година, информираше денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Посочи дека со новиот модел за основна субвенција за оджување на површините добиваат сите земјоделци, додека пак дополнителна субвенција добиваат земјоделците што произведуваат култура од листата на значајни култури, која истата ја предале до преработувачки капацитети кај откпувачите, го користеле за свои потреби или истото го предале на пазар.

– Првичните анализи со завршувањето на аплицирањето за дополнителни субвенции, заклучно 30 декември 2023 година, покажуваат дека 8061 земјоделец немаат аплицирано за дополнителна субвенција. Затоа после оваа првична анализа сите земјоделци ќе добијат уште една можност да добијат дополнително барање за дополнителна субвенција, доколку оствариле производство во градинарство, лозарство и овоштарство и истото е пријавено како производство, рече Николовски.

Земјоделците не пријавуваат само апликација за субвенција, вели Николовски, туку за остварување на целокупниот износ на субвенции пријавуваат колкаво е нивното производство. Целта на новиот модел на субвенционирање, Николовски посочи е да се знае што е она што го произведуваме и колкаво е нашето производство.

– Македонската зелка веќе неколку години наназад е најизвезуваниот зеленчук, во 2023 година вредноста на извозот достигна 30 милиони евра, што е раст за 21 отсто во однос на 2022 година. Пиперките се вториот најизвезуван производ кој на странските пазари се продадени во вредност од 20,7 милиони евра, потоа следува доматот, печурките, краставиците, корнишоните, кромидот и компирот, истакна Николовски.

Додаде дека потребна е кампања за информирање на земјоделците и затоа ќе се направи измена во програмата, бидејќи како што рече, станува збор за нов модел.

– Дополнителните субвенции во сточарството пак, самите сточари не го пријавуваат дополнително, туку тие ги добиваат со претходно исполнети услови, а тоа е да имаа произведено и предадено млеко до млекарниците или предадено грло до кланиците, што секако е дел од новиот модел на субвенционирање каде што се фокусираме на развој во сточарството и фокус на грлата што даваат млеко и месо и на овој начин повторно ја истиснуваме сивата економија од целокупниот овој сектор, рече Николовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2024 16:54