Со обновата на делницата Велес – Градско во должина од 20 километри подигната е безбедноста за патување елиминирајќи ги црните точки кои претходно се јавуваа на овој патен правец, оцени денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, при увид на работите на патот.
Тој истакна дека Велес-Градско е една од најфрекфентна патни делници, за чија комплетна рехабилитација се инвестирани речиси седум милиони евра и оти поврзува десетина населени места од овој регион што немаат директен излез на автопатот на коридор 10.
И директорот на ЈП за државни патишта Рустеми посочи дека со рехабилитацијата се добива безбеден и сигурен регионален пат по кој месното население може да сообраќа без тешкотии.
-Оваа делница, која е со вкупна должина од 20-тина километри и широчина на патот од 5,5 до 7 метри, беше во лоша состојба, а е главна артерија за локалното население, посебно за земјоделците кои гравитираат во овој регион. Ова патно поврзување на централниот регион е важно затоа што низ него минуваат и се вкрстуваат значајни патни јазли кои нѐ поврзуваат со останатите земји од регионот, рече Рустеми.
Бочварски и Рустеми претходно беа на увид и во реконструираниот регионален пат Велес – Катланово, во должина од 8,4 километри, за што се инвестирани 2,5 милиони евра.
-Станува збор за реобновување на стариот пат од Катланово за Велес, која е многу значајна патна врска, со оглед на тоа што го поврзува Велес со Велешкото Езеро, каде што имаме интензивен сообраќај и посета на голем број туристи, информираше Рустеми.
Како што посочи Бочварски, досега е завршена реконструкцијата на многу значајни патни правци кои водат до државните граници, Крива Паланка - Деве Баир, Подмоље – Струга – Ќафасан, Битола – Меџитлија и Скопје – Блаце.
Според министерот за транспорт, Владата преку Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта го бележи најголемиот инвестициски циклус во изградба и модернизација на патната мрежа низ целата држава, каде инвестициите, како што рече, надминуваат преку 2 милијарди евра. Градиме и реконструираме, наведе Бочварски, автопатски делници, градиме нови експресни патишта, а фокусирани сме и на реконструкција на постоечката регионална патна мрежа.