Денеска од 8 до 10 часот беше блокиран регионалниот пат Прилеп- Витолиште. Иницијативниот одбор за поттикнување на развојот на Мариово, сегашни и поранешни жители, го блокираа патот и протестираа барајќи и локалната, и централната власт да обезбедат основни услови за живот во големото Мариово и да не ја запоставуваат оваа значајна област во Македонија.
- Сакаме да го свртиме вниманието на властите. Со децении се запоставува оваа значајна област која зафаќа 1038 километри квадратни или е четири насто од територијата на државава. Го правиме ова за да им укажеме на надлежните институции, на Владата, на министерствата, на јавните претпријатија дека имаат законски обврски да го одржуваат патот, да го ја уредуваат здравствената заштита за жителите, да ја следат социјалата, да ги следат проблемите на земјоделците, на пчеларите, на сточарите. Законска обврска имаат и тоа е регулирано во посебните закони. Со децении се занемарува оваа значајна област која зафаќа четири насто од територијата на државава, сите три дела од Мариово кои припаѓаат на Битола, Прилеп и Кавадарци. Последниве децении е крајна негрижата, изјави Тренчо Димитриески од Иницијативниот одбор за поттикнување на развојот на Мариово.
И сегашните и поранешни жители на Мариово се револтирани.
-. Патот е за никаде. Треба да се одржува, нема струја со денови па и цела недела, нема ниту вода. Ваквата негрижа не се памети, вели Стојан Ристески од Витолиште.
-Живеам во Прилеп, но половината денови во неделата сум во Мариово.Имам пчели, имот, но како сега никогаш не било. А да не говориме дека има многу богатства, се експлоатираат. И оние жители што се таму немаат основни услови, рече Дано Даркоски од Витолиште.
Мариово е една од најраселените области во Европа. Иако некогаш имало и околу 16 000 жители, сега, во Пилепскиот дел се смета дека има 150-тина. Но грижата на сегашните и поранешни жители за Мариово не исчезнува.