Учениците од Гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес со премиерата „Штрајкот на велешките гимназијалци“ синоќа на малата сцена на велешкиот театар одбележаа 82 години од Штрајкот на велешките гимназијалци од 14 март 1942 година.
Текстот за претставата е според историски документи и кажувањата на единствениот и денес жив учесник во штрајкот, 101 годишниот Никола Стојанов, а го напишаа учениците Кристијан Мартинов и Ива Илиевска, кои воедно и играат во претставата. Режијата и се околу претставата подготвија професорките Цветанка Карамаркова и Весна Павлова.
Во македонската историја Штрајкот на велешките гимназијалци, е познат по тоа што велешките гимназијалци од 1942 година решиле да организираат штрајк поради воведување бугарски јазик во наставата и негирање на македонскиот јазик. На денот на штрајкот 14 март 1942, учениците добиле масовна поддршка и им се приклучиле и многу граѓани на Велес, но бугарската војска и полицијата со бајонети ги растерала. По три дена, штрајкот бил прекинат, а учениците кои биле организатори и кои требало да бидат избркани од гимназијата, наместо да бидат избркани, добиле укор.
Организатори на штрајкот од 14 март 1942 биле Благој Кирков, Орце Иванов, Благој Јанушев Анче Андреев и Никола Стојанов денес 101 годишниот, единствен жив учесник во штрајкот, кој честопати доаѓа во родниот Велес и во сегашната Гимназија „Кочо Рацин“ и евоцира спомени од штрајкот пред новите генерации велешки гимназијалци и потсетува на овој значаен настан од македонската историја.
Во изјавата за МИА, проф. Цветанка Карамаркова вели дека тие како денешни гимназијалци се горди на овој настан и затоа решиле да го оживеат во оваа претстава, а и да актуелизираат и она што за жал и денес ни се повторува, кога се негира македонскиот јазик од соседите. Таа информира дека на претставата напорно работеле неколку месеци, но се среќни и здоволни по синоќешната премиера во преполната сала за што добија силен аплауз и пофалби за одличната изведба.
Во претставата во некои од главните улоги настапија учениците Кристијан Мартинов,Филип Настов,Изабела Жабева,Ива Илиевска,Матеј Славевски,Атанас Зафиров,Михаела Димова,Памела Миланова,Анастасија Крлева, Андреј Миров и други.
Професорките Карамаркова и Павлова планираат оваа претстава да ја претстават и на некои фестивали и да ја видат сите велешани, а ако бидат повикани и во други градови во земјава