Општина Илинден периодов спроведува акции за чистење диви депонии, при што мапирани се околу 20 локации, информираат попладнево од локалната самоуправа.
- Општина Илинден во текот на месеците март и април спроведува акција за чистење диви депонии на повеќе локации на нејзина територија. Досега исчистена е дива депонија во населба Илинден, на зелена површина кај улица „19“ до пречистителната станица, како и во населено место Миладиновци. Во рамки на акцијата за чистење диви депонии, што се спроведува во соработка со екипите од ЈКП „Илинден“ и инспекциската служба од Општина Илинден, собран е мешан комунален отпад, градежен шут и слично, пишува во соопштението.
Акцијата продолжува и во наредниот период, додаваат од Општината, при што мапирани се околу 20 локации за чистење.
- Дел од нив се на потегот на локалниот пат Илинден - Јурумлери, на улица „7“ во Илинден на потегот што води кај пумпите на ЈКП „Водовод“ до ТИРЗ зоната, во Мралино на потег од каналот кон излез од Мралино кон Петровец, и кај место викано „Јурија“, во населено место Бујковци на две локации, во Миладиновци на излезот кон автопатот, во близина кај клучката кај „Окта“ на излезот кај автопатот, на потегот на локалниот пат Мршевци - Дељадровци, како и други локации што ги мапираа стручните служби од Општина Илинден, се додава во соопштението.
Со чистењето диви депонии, нагласуваат од Општината, значително ќе се придонесе за намалување на аерозагадувањето, како и подобрување на животната средина.
- Општина Илинден апелира до сите граѓани да го почитуваат Законот за јавна чистота, да не го оставаат ѓубрето на недозволени места и со своето однесување и еколошка свест, да придонесат за поздрава и почиста животна средина, истакнуваат од локалната самоуправа