Во повеќе населби и села во Пијанечко-Малешевскиот регион вечерва се палеа купови со смрека познати и како стреловишта, како дел од народната традиција за одбележување на празникот Прочка.

Во делчевско палењето смреков оган беше најмасовно во населбите Милково Брдо, Расадник, Маџир Маало и Ѕвегорска Река.

Андреј Ѓорѓиевски жител на населбата Милково Брдо во традицијата учествува, како мал, но и денес како семеен човек се вклучи да помогне на помладите да го направат смрековиот куп.

-Дечињата ни помагаа утрово за да го направиме купот. Сите чекаат да догори огнот и потоа да го прескокнат извикувајки ги зборовите: ,,На ти дедо гламната, да ми дадеш момата". Нека е за многу години празникот, вели Ѓорѓиевски.

Оваа традиција како што додава пензионерот Милица Златковска од населбата Трети Реон или Маџир Маало се практикувала и за времето додека била дете.

-Се беше исто, само тогаш беше само со смрека, сега има и некои додатоци, но генерално се одбележува денот во духот на традицијата. Во текот на неделата помладите ги посетуваа постарите, кумашините своите кумови, барајки прошка за грешките, на што постарите и кумовите велат: Простено нека е и од нас и од Бога, додава Златковска.

Според младиот Адријан Стаменовски, смрековиот куп во Расадник годинава бил најголем.

-Се потрудивме од утрово да го направиме купот кој сметаме дека е најголем. Нека е за многу години и уште многу години нека се слави традицијата, кажа Стаменовски.

Во беровско најмасовно одбележувањето на Прочка беше помеѓу жителите на Јуруко, најстарото маало во Берово.

-Како и секогаш денес ја продолживме традицијата по одење на смрека за вечерното палење на оган „Стреловишче". По повод празникот Прочка, многу години наназад се организираше во скоро сите населби во градот, истакнаа организаторите од најстарото бетовско маало.

Палењето смрека во делчевско и беровско беше обезбедено од полицијата и противпожарните единици кои патролираа на местата каде се палеше смреков оган.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/03/2024 21:51