Националната установа Музеј на тетовски крај и Сојузот на борци Тетово на денешната прес-конференција информираа дека по поставувањето на бистите на народните херои Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Ципоски-Мерџан во спомен куќата на КПМ во населбата Два Бреста, дошла општинска инспекција.
Миќо Стојчевски, директор на Музејот на тетовски крај, посочи дека општината нема потреба да праќа инспектори за поставените бисти затоа што нема надлежност. Воедно образложи дека бистите се поставени во дворот на спомен куќата, која е сопственост на националната установа Музеј на тетовски крај.
- Едноставно не е нивна ингеренција, ова е Музеј имаме право да поставиме бисти, да се изложат времено и трајно ако треба. Ние имаме статус, имаме управен одбор, имаме комуникација со Министерството за култура и не знам зошто по кој повод дојдоа да направат притисок. Ние им дадовме до знаење дека немаат надлежност ова е имот на Република Македонија, имот на Националната установа Музеј на тетовски крај и докажавме и дадовме документ дека ова е наша надлежност и дека нивните надлежност завршува кај вратите на Музејот, изјави Миќо Стојчевски.
Реагираше и тетовската организација на Сојуз на борци. Поранешниот претседател рече дека во речиси 20 години како организација барале, но не добиле одговор од општината за поставување на бистите во центарот на Тетово, а сега има реакција од локалната власт кога се тоа е направено во договор со друга установа.
-Долги години тие бисти стојат во канцеларија. Нивното место е да се постават каде што ќе можат граѓаните да ги гледаат и да ги чествуваат тие паднати борци. Ние како организација се обраќавме до локалната самоуправа повеќе пати да ги вратат бистите онаму каде што им е местото. Ние бевме свесни дека тоа не може да се случи на истото место но изработивме проект да се постават пред Споменик на револуција, како најсоодветно место. Не наидовме на разбирање кај локалната самоуправа. Се изредија тројца градоначалници, меѓутоа се гледа дека тоа не може да се случи во догледно време. Не иритира реакција на локалната самоуправа зошто сега се поставени бистите. Од друга стана пред домот на културата може да се постави споменик на Наим Фрашери, а домот носи друго име на Иљо Антески Смок, а ова не може да се постави во музејот, иако природно припаѓаат тука, истакна Петрушевски.
Бистите на народните херои Тодор Циповски-Мерџан и Гоце Стојчевски-Амбарче во 2005 година поради реконструкција беа отстранети од градскиот плоштад „Маршал Тито“.
Денеска Музејот на тетовскиот крај во Меморијалниот центар спомен-куќа на Комунистичката партија на Македонија, каде што се поставени бистите го одбележа 19 Март Денот на формирањето на Централниот комитет на КПМ.