Продолжуваат активностите за уредување на тротоарските површини на повеќе локации во Штип. Павер елементи ќе се постават и на улицата „Плачковички одреди“. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, на денешната прес-конференција рече дека во наредните неколку дена ќе се постават павер елементи на неколку тротоари во повеќе населени места во Штип.

-Во рамки на програмата за уредување градежно земјиште продолжуваат активностите на неколку локации во градот. Овде денес се работи на тротоарската површина на улицата ,,Плачковички одреди". Станува збор за тротоарски површини кои никогаш досега не биле реконстурирани. Очекувам во наредните неколку денови овде да се постават павер елементите и да се продолжи тековно и на останати улици кои се влезени во програмата, рече Јорданов.

Повеќе од 50 улици и повеќе од 30 тротоари се предвидени во програмата за уредување во оваа година. По поставувањето павер елементи, ќе се постават и заштитни столпчиња со цел поголема заштита на пешаците.

-По завршувањето на сите тротоари, секако обврска на ЈП ,,Стипион" ќе биде поставување заштитни столпчиња за да обезбедиме простор за минување на пешаците. Програмата за уредување на градежно земјиште содржи повеќе од 50 улици, повеќе од 30 тротоари кои ќе се уредуваат. Динамиката ќе завсии од завршување на јавните набавки, рече Јорданов.

За уредување на тротоарските површини на улицата „Плачковички одреди“ во Штип, општината издвои нешто помалку од 700 илјади денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/03/2024 23:32