Жителите на Општина Илинден во скоро време ќе можат да уживаат во ново место за рекреација и вежбање - спортска теретана на отворено. Локацијата на оваа теретана е кај пешачко-велосипедската патека во Марино, каде што во тек е процесот на поставување на фитнес справи за вежбање.
Градоначалникот на Општина Илинден, во рамки на неговата работна посета во Марино, направи увид на тековните работни активности и изрази задоволство од динамиката на истите. Според него, ова ново фитнес катче ќе претставува важен ресурс за жителите, особено за младите, кои ќе имаат можност да се рекреираат и да ги подобрат своите физички способности.
-Досегашната пракса на инвестирање и создавање на услови за спортување, постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, па затоа Општина Илинден од сопствениот буџет одвои средства за реализација на спортската теретана на отворено, а во наредниот период продолжува и понатаму со инвестиции во спортот и спортските терени на нејзина територија, се наведува во соопштението од Општина Илинден.