Општина Тетово организираше акција за чистење на улиците по повод Денот на пролетта и Денот на екологијата 21 март. Вработени во општинската администрација, јавните претпријатија и средните училишта ги подигаа фрлените отпадоци од улиците и ги собираа во најлонски кеси.

- Оваа акција има за цел да го подобри изгледот и чистотата на нашиот град, како и да ја промовира свеста за заштита на животната средина, е пораката која ја испратија од Општина Тетово.

На акцијата се приклучи и Здружението на пензионери од Тетово. Тие го расчистуваа и уредуваа мини паркот во дворот од нивните простории како и околните улици.

- Денеска 21 март ден на пролетта која кај нас се манифестира со акција за чистење на одредени улици и давање на позитивен пример кај другите граѓани да внимаваат каде ги фрлаат нивните отпадоци. Мислам дека е многу позитивно за да се обезбеди чиста средина, чист воздух за да може да дишат и пензионери и младите луѓе и деца. Не доаѓаат од другите градови да фрлаат отпадоци туку ние самите. Би ги замолил сите граѓаните на Тетово да внимават на животната средина, изјави Селвер Мемети, претседател на Здружението.

Мирко Јовчевски, претседател на Собранието на Здружението посочи дека апелираше локална самоуправа да создава места со зеленило за пензионерите и другите граѓани дел од денот да го поминат на чисто место.

- Не само двор, туку и улици, сведоци на негрижата на целото население за екологијата, што се однесува за места за одмор или прошетка, за жал Тетово се претвори во една асфалтна и бетонска територија каде што и тие зеленила кои ги имаше во минатото се претворија во градби. Ние како Здружение на пензионери го уредивме нашиот двор поставивме и клупи меѓутоа рак-рана на тој е локацијата на контејнерите, одма до паркот наш и тие нередовно се собира смет и се создава смрдеа и затоа пензионерите не можат да уживаат во овој амбиент, изјави Мирко Јовчевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2024 14:56