Во новата станбена населба кај Детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија се работи на пробивање и изградба на улица, околу која во овој дел на градот се изградија повеќе објекти за индивидуално и станбено домување и живеат околу 2.500 граѓани.
Како што информираат од Општина Гевгелија, покрај пробивањето на улицата, се планира изградба на нова фекална и атмосферска канализација, како и нова водоводна линија.
-Со пробивање и изградба на улиците започнавме со решавање на инфраструктурните прашања со цел да им се обезбедат достојни услови за живот на граѓаните во градот и населените места. Изградбата на оваа улица била потребна многу порано поради тоа што малиот капацитет на примарната подземна инфраструктура доведува до секојдневни проблеми, стои во пренесената изјава на градоначалникот на Гевгелија Андон Сарамандов.
Инаку, покрај овој зафат, на улицата „Сава Михајлов“ заврши уредувањето на тротоарите со павер-елементи. Реконструкцијата опфати расчистување и партерно уредување на тротоарите со поставување бекатон плочки и рабници.