Македонското друштво „Илинден“ - Тирана повторно го актуелирира барањето владите на Северна Македонија и на Албанија, да го реализираат договореното, граничниот премин Џепиште – Требиште во близина на Дебар, да функционира 24 часа.

-Бараме од владите на Албанија и Македонија целосна функционалност на граничниот премин Требиште – Џепиште во областа Голо Брдо, што е неопходно потребно за да може луѓето полесно да комуницираат од двете страни на границата. Исто така ќе им се помогне многу на Македонците од областа Голо Брдо, зашто ќе се зголеми економската соработка меѓу жителите од двете страни на границата, а и поголем број туристи ќе ја посетуваат областа, која располага со многу природни убавини и културно историски споменици, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Потсетува дека на заедничката седница на владите на двете земји, одржана во Поградец на 15 декември 2017 година, донесена била одлука овој премин да работи 24 часа и оти тоа сè уште не е реализирана.

Преминот беше отворен во мај 2013 година и право да го користат имаат само жителите од граничниот регион. По исградбата на асфалтен пат од албанска страна се патува и со моторни возила. Во летниот период, односно од први април до 31 октомври, работи од 8 до 20 часот, додека во останатиот период, односно од 1 ноември до 31 март, од 8 до 18 часот.

Последните години се забележува зголемена фреквенција, што продолжува и во првите два месеца, кога се регистрирани вкупно 7.052 патника што е за над 15 отсто повеќе, споредено со истиот период минатата година.

Според статистиката на македонското мiнистертво за внатрешни работи на влез регистрирани се вкупно 3.643 додека на излез 3.409 патници. Одделно, на влез регистрирани се 165 а на излез 150 македонски и 3.478 странски државјани на влез, односно 3259 на излез.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2024 23:53