На две локации во централното градско подрачје во тек се подготовки за поставување на подземни контејнери, изјави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој истакна дека општината заедно со ЈП „Исар“-Штип подземни контејнери ќе постават кај уметничката галерија „Безистен“ и кај поранешната стоковна куќа НАМА.
-На едната локација, кај галеријата „Безистен“ веќе се работи, а втората локација каде што деновиве ќе се продолжи е веднаш до стоковна куќа НАМА. Нешто повеќе од еден милион денари се предвидени за двете локации, рече Јорданов.
Тој најави дека во Програмата се предвидени и други локации за поставување на подземни контејнери и тоа не само во централното градско подрачје, туку и низ населбите. Секој месец ќе се одредуваат местата каде што ќе се поставуваат контејнерите. Јорданов посочи дека ова ќе придонесе и за селекција на отпадот, но и да има помалку смет во центарот на градот и низ населбите околу садовите, контејнерите за депонирање на отпадот.