Фернандо Алонсо е казнет по истрагата на стјуардите поради инцидентот со возачот на Мерцедес, Џорџ Расел. Шпанскиот возач на Астон Мартин е казнет со додавање 20 секунди на резултатот на трката во Формула 1 за Големата награда на Австралија поради опасно возење, пренесе „Скај Спортс“.

По трката, Алонсо и Расел беа интервјуирани од стјуардите, кои решија да го казнат шпанскиот возач со додавање од 20 секунди и три казнени поени за опасно возење во претпоследниот круг од трката. Шпанецот поради казната трката во Мелбурн ја заврши на осмото место, откако претходно беше шести.

Британските медиуми пренесуваат дека Алонсо на сослушувањето им рекол на стјуардите дека имал намера поинаку да влезе во свиокот, но дека погрешил и затоа морал да преземе дополнителни чекори за повторно да забрза. Расел рече дека смета дека маневарот на шпанскиот возач бил несоодветен.

„Скај Спортс“ потсетува дека немало никаков контакт меѓу двата болида. Расел не ја заврши трката, бидејќи удри во ѕидот што го оштети болидот и мораше да се повлече.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2024 01:07