УНИЦЕФ го поздравува донесувањето на новиот Закон за правда за деца, кој беше и официјално објавен во Службениот весник. Законот беше усвоен од Собранието без никакви приговори, што укажува на меѓупартиската посветеност кон тоа секое дете во ризик, во контакт или судир со законот во земјата, да има рамноправен пристап до фер правосуден систем кога неговите права ќе се прекршат или ќе се одречат.

Клучните подобрувања воведени со овој закон имаат за цел да го потврдат принципот на најдобар интерес на детето во сите одлуки за децата коишто ќе дојдат во контакт со правосудниот систем. Освен тоа, во Законот се продлабочува пристапот на ресторативна правда, нагласувајќи го правото на детето да биде слушнато, како и пристапот кон рехабилитација и реинтеграција како посакуван исход.

Овој прогресивен чекор ја одразува посветеноста на земјата кон заштита на правата и благосостојбата на нејзините најмлади граѓани. Исто така, со него се воведува промена на парадигмата, при што се посочува дека децата пред сѐ и над сѐ, се деца. Без оглед дали биле изложени на негативни искуства во детството дома или преку интеракција со правосудниот систем, траумата може длабоко да ги засегне нивните мисли, чувства и однесување.

Новиот закон претставува крупна пресвртница, но ќе бидат потребни дополнителни заложби од институциите и стручните лица за да се обезбеди негова примена во пракса. Со цел обезбедување дополнителни информации, како дел од проектот финансиран од ЕУ и кофинансиран од УНИЦЕФ, спроведена е анализа со препораки за да се обезбеди адекватност, ефикасност, ефективност и правичност на државниот буџет за правда за децата.

Овие нови подобрувања се ветувачки чекори со кои системот на правда за деца ќе биде по нивна мерка, родово чувствителен и ќе ги има неопходните ресурси и меѓусекторска соработка, вклучувајќи ги и секторите за здравство и образование.

УНИЦЕФ



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2024 17:01