Општина Штип се откажа од идејата за организирање на референдум за време на претседателските и парламентарните избори 2024 година. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека причината е што согласно Законот референдум е предвидено да се организира во недела, а овие избори во април и мај се организираат во среда.
Посочува дека заради тоа невозможно е на 24 април и 8 мај, штипјани да се изјаснат за тоа како да се трошат парите од самопридонесот. Ова налага нова ситуација, а соломонско решение е наместо реконструкција на старата водоводна мрежа, со овие пари да се изградат два нови резервоари.
-Како што биле собрани наменски тие средства, коишто се замрзнати наменски можат да се искористат за изградба на резервоари без распишување на референдум, со што ќе се подобри состојбата со водоснабдуваањето на град Штип, вели Јорданов.
Изградбата на новите резервоари за високите зони, ќе го реше проблемот со водата за пиење особено во населбите кои се во повисоките делови на Штип. Јорданов посочува дека постапката за искористуваање на парите од самопридонесот ќе започне веднаш по завршувањето на изборите. Дополнително околу четири до пет милиони евра ќе бидат неопходни за замена на старите цевки. Јорданов најави дека овие пари, општината ќе ги бара од европските фондови.
-Веруваме дека би можеле да аплицираме во Европска инвестициона банка и од другите извори на финансирање би можеле да дообезбедиме финансии за реконструкции на застарената водоводна линија која е проблем за водоснабдувањето, изјави Јорданов.
Инаку парите од самопридонесот, кои ги имаат собрано штипјани се во висина од околу еден милион евра и си стојат на посебна сметка. Досега имаше два неуспешни референдуми.