По повод Светскиот ден на пијаното 28. март, денеска во Клубот „Деца на сонцето“, во кој членуваат деца со Даунов синдром и лица со попреченост, се одржа концерт на пијано насловен „Заедно кон ѕвездите“.

Концертот го организираше Здружението „Камерата Ад Астра“ заедно со Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица. Според нив, симболиката на овој ден се 88 типки на пијаното односно 88 ден во годината е Светски ден на пијаното и наместо еден ден се организира Недела на пијаното.

-За настанот се пријавени 75 учесници кои се на возраст од 7 до 52 години. Целта ни е да се промовира пијаното како инструмент и тоа не само како професионална определба, туку и на љубителите на пијаното и на музиката за пијано, вели Ленче Мазнејкова, професор по пијано.

Денешниот концерт беше посветен на лицата со Даунов синдром и Неделата на пијаното почна со нив бидејќи на 21-ви овој месец тие го одбележаа Светскиот ден на овие лица.

-Денешниот концерт не е класичен, туку беше еден вид на интерактивна комуникација преку презентирање на инструментот пијано, да слушнат како се изведува музика за пијано, да го запознаат инстументот, односно еден вид на интерактивна работилница. На тој начин ги поддржуваме и кажуваме дека се дел од нашето општество и можат да учествуваат на нашите концерти и да ги посетуваат, додаде Мазнејкова.

Неделата на пијаното ќе се реализира преку осум концерти на различни локации во Струмица од 25 до 30 март.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2024 00:18