Средношколци од три училишта симулираа денеска пленарна собраниска седница во рамки на финалниот настан на едукативната активност „Имам став!“, чие одржување прерасна во редовна пракса во законодавниот дом.
Средношколците од СОУ ,,Кочо Рацин‘‘ – Велес, од СМУГС „Панче Караѓозов‘‘ и од СЕПУГС ,,Васил Антевски Дрен‘‘ дискутираа на три теми, а не изостанаа реплики и контрареплики како на вистинска собраниска седница.
Во улога на судијки на денешното финале беа пратеничките Лидија Петковска, Рашела Мизрахи, Драгица Ѓавочанова, Рина Ајдари, како и раководителката на Секторот за едукација и библиотека при Парламентарниот Институт, Ардита Јашари Бислими.
Победници на овогодинешниот финален настан на „Имам став!“ се средношколците од „Васил Антевски Дрен“.
Едукативната активност „Имам став!“, што ја организира Парламентарниот институт, претставува симулација на процесот на разгледување предлог-закон во Собранието на Република Северна Македонија.
Овој пат, учениците во улога на пратеници дискутираа за три теми што директно ги засегаат младите, а тоа се: „Поттикнување на физичката активност кај младите”, „Безбедноста во патниот сообраќај” и „Младинската невработеност“.
Активностите поврзани со „Имам став!“ започнуваат во училиштата, каде што под водство на наставници-ментори се одржуваат состаноци. Учениците, поделени во три комисии, дискутираат за одреден политички проблем и за истиот треба да понудат решение, кое ќе треба да го одбранат пред другите ученици.
Успешната реализација на симулацијата „Имам став!“ бара сериозна подготовка и посветеност од страна на нејзините учесници. За таа цел, во рамките на подготовките за реализација на активноста, Парламентарниот институт организира и работилница на која наставниците се стекнуваат со потребните вештини и знаења за спроведување на симулацијата и успешно менторирање на учениците.
Целта на одржување на едукативната активност „Имам став!“ е приближување на работата на Собранието и процесот на донесување на закони до младата популација, што ќе придонесе за развивање на нивната свест за демократијата и ќе ги поттикне и подготви за општествена и политичка критичност и вклученост.
Собрание на РСМ