Европската унија сè уште очекува имплементација на сите одредби од Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија, без оглед на препораката Косово да стане членка на Советот на Европа, изјави денеска нејзиниот портпарол Петер Стано.

Во писмената реакција до Радио Слободна Европа, Стано наведува дека партиите „треба да ги спроведат одредбите од тој договор експедитивно, со добра волја и независно една од друга“ и додаде дека лидерите за ова се договориле во Охрид на 18 март 2023 година, пренесе Бета.

-Ова го вклучува и формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) во Косово, што е најконкретен начин да се обезбеди заштита на заедницата на косовските Срби. Жално е што, и покрај напорите на ЕУ и пошироката меѓународната заедница, досега има многу ограничен напредок на Косово и Србија во спроведувањето на обврските што ги прифатија во овој договор, рече Стано.

Стано, исто така, изјави дека ЕУ забележала дека Политичкиот комитет на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) усвоил нацрт-мислење со кое се препорачува влез на Косово во Советот на Европа и посочи дека за прашањата поврзани со таа организација одлучуваат нејзините членови.

Политичкиот комитет на ПССЕ го усвои нацрт-мислењето иако Косово исполни само еден од трите услови за влез во Советот на Европа - враќање на 24 хектари земјиште на манастирот Високи Дечани. Останатите два услови - формирањето на ЗСО и преиспитувањето на контроверзните експропријации во општините со српско мнозинство во Косово - се означени како „постпристапни обврски на Косово“, што значи дека Приштина мора да ги исполни по приемот во Советот на Европа, наведува Бета



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2024 22:31