Со оглед на мнозинството пратеници на СНС, со коалициониот партнер, партијата на Ивица Дачиќ СПС и малцинските партии во српското собрание, идниот премиер на Србија ќе биде Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград

-Милош Вучевиќ има професионални и лични квалитети да ја извршува функцијата премиер и ме увери дека може да обезбеди избор на Влада. Ја полагам мојата доверба на Милош Вучевиќ, имајќи предвид дека во претходниот период тој ги извршуваше одговорните функции на вицепремиер и министер за одбрана, со што покажа дека ја поседува посветеноста и стручноста потребни за извршување на функциите премиер, соопшти претседателот на Србија Александар Вучиќ доделувајќи му го мандатот за состав на владата на Милош Вучевиќ.

Вучевиќ, кој важи за еден од најблиските соработници на Вучиќ, по професија е адвокат, еден е од оснивачите на Српската напредна странка, и нејзин лидер од минатата година, бил десет години градоначалник на Нови Сад, министер за одбрана и вицепремиер во последната владата на Ана Брнабиќ.

И пред и да биде прогласен за мандатар, Вучевиќ изјави дека новата влада ќе има политика на континуитет, базиран на проектот „Скок во иднината, Србија 2027-ма“.

-Новата влада мора да донесе и нова енергија и некои нови лица, некоја нова сила, оптимизам, да се бори заедно со претседателот, со собранието, за добробит на сите нејзини граѓани, изјави Вучевиќ на РТС.

Во образложението на српскиот претседател се наведува дека новиот премиер на Србија ќе продолжи да ги реализира програмите насочени кон подигање на животниот стандард, проекти од областа на здравството, образованието, развојот на инфраструктурата, енергетиката, земјоделството, со доследно почитување на меѓународното право, регионалната соработка и грижата за виталните интереси на Србија и нејзиниот напредок на европскиот пат.

Инвестициска основа во мандатот на новата Влада, наведе Вучиќ во образложението, е реализирањето на специјализираната светска изложба „ЕКСПО 2027 Белград“.

Вучевиќ денес доби честитки и поддршка од досегашната премиерка, а сега претседател на Собранието, Ана Брнабиќ, лидерот на СПС Ивица Дачиќ, од СНС и малцинските коалициски партнери.

Опозицијата за изборот на Вучевиќ за мандатар оцени дека не е важно кој ќе биде премиер се додека шеф на државата е Александар Вучиќ.

-Милош Вучевиќ е чесен човек, сериозен човек за разлика од оние кои со таква леснотија му фрлаат навредливи зборови и без да се обидуваат да глумат пристојност, и без да се трудат да покажат основна одговорност. Кого и да предложив, ќе реагираа на ист начин, изјави денес претседателот Александар Вучиќ во врска со негативните коментари на опозицијата за мандатарот на новата влада.

Ва реакцијата на доделувањето на мандат на Вучевиќ, ДВ оценува дека „и покрај формалната промена на власта, набљудувачите и многу луѓе во Србија се убедени дека претседателот Вучиќ ќе остане неформален и единствен центар на моќ во земјата“.

-Неговата правна улога како формален шеф на државата првенствено му дава овластување над протоколот. Сепак, од 2012 година, Вучиќ ја одредуваше политиката на Србија во различни улоги и продолжи да го прави тоа како претседател од 2017 година, пишува ДВ



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2024 06:07