Српската полиција проверува дали исчезната двогодишна Данка Илиќ е на видеото денеска објавено на социјални мрежи, на кое се гледа мало девојче во присуство на две жени во Виена. Според српските медиуми, двете жени се Романки.

Полицијата сега интензивно работи на идентификација и на лоцирање на девојчето за кое се тврди дека е Данка Илиќ. Полицијата во текот на ноќта ги информирала и австриските колеги и на Европол ги испратила сите податоци и снимки.

Мајката на Данка, како што пренесува Индекс, вели дека не го видела видеото, бидејќи не посетува социјални мрежи. Вујото и дедото на Данка ја виделе снимката, но не можат со сигурност да кажат дали е навистина таа, бидејќи снимката е матна.

Лицето што го снимило видеото вели дека се обидел да разговара со двете жени, но поради јазични бариери, не се разбрале. Тој, исто така, рече дека девојчето, наводно, не се вртело кога го довикувале жените.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска во Батајница ја коментираше работата на полицијата во случајот со исчезнатата Данка Илиќ, зборувајќи за нова трага која се појавила синоќа.

- Сакам да и се заблагодарам на полицијата која работи дење и ноќе. Кога се појави нова трага во три и пол, ме известија и мене. До пет и пол сите беа на своето место. Секоја чест за нивната посветеност, колку луѓе секојдневно се борат за еден прекрасен живот, се надевам дека ќе успеат да го решат и тој случај, изјави Вучиќ



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2024 06:32