Денот на шегата - 1 Април денеска ќе биде одбележан со повеќе настани. Познат е како ден кога се прават шеги, а традиционално најмладите се маскираат со ликовите на омилените јунаци од цртаните филмови и се бираат најдобрите маски.
Речиси во секоја општина се организираат манифестации со кои се одбележува Денот на шегата. Под слоганот „Маски, смеа, рингишпил- дојди во Шеговил!”, Општина Кисела Вода организира голема забава под маски за најмладите пред салата Расадник каде ќе биде поставен забавен парк со најразлични реквизити, ќе има кловнови и аниматори, а за музичкиот дел ќе бидат задолжени „Поточиња”.
1 Април не е национален празник, но секаде се прославува како ден кога многумина прават разни шеги. Традиционално, во некои земји како Канада, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и Јужна Африка, шегите траат до пладне и некој кој прави трикови после пладне го нарекуваат „Априли-ли-ли“ и го исмеваат. Во други земји како Франција, Италија, Јужна Кореја, Јапонија, Русија, Холандија, Германија, Бразил, Ирска, Австралија и САД шегите траат цел ден. Во Франција и Италија, децата на грбовите еден на друг си лепат риби од хартија на грбот.