Албанските опозициски демократи ја поздравија победата на главната опозициска партија во Турција, Републиканската народна партија (ЦХП), на вчерашните локални избори, оценувајќи ја истата како „гаранција за демократијата“.

Ставот, преку објава на социјалните мрежи, го пренесе пратеникот Тритан Шеху, универзитетски професор, кој припаѓа на побројното крило на демократите.

„Турција, победа на опозицијата, гаранција за демократија! Турција, пријател и партнер, вчера помина важен тест за демократијата. Димензиите на успехот на секуларната опозиција, многу појасни отколку во 2019 година, може да се сметаат за историски во нејзиниот демократски пат“, стои во објавата.

Додава дека со победата во најголемите градови како Истанбул, Анкара, Измир, Бурса итн., ЦХП предводена од Имамоглу, станува прва политичка сила во овие градови, нагласувајќи дека „новите промени и во источниот дел на земјата, се за поздравување“.

-Не само за фактот на јасното јакнење на опозицијата, кое е неопходно за секоја демократија, туку и за конкретните промени во балансот на силите што таа го создава. Ова е прогресивна потреба и многу значајна за земјата. Најдобри желби за тамошната опозиција, за демократијата на Турција, нејзиниот тежок европски пат, напиша Шеху пренесувајќи го ставот на албанските демократи за локалните избори во Турција.

На вчерашните локални избори во Турција, на кои право на глас имаа над 61 милион граѓани, партијата на турскиот претседател Реџеп Тап Ердоган, АКП ги загуби сите поголеми градови.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2024 12:39