Над седумстотини дечиња од предучилишна и училишна возраст учествуваа на денешното дефиле под маски низ главната улица во Крива Паланка и ревија на групни маски на градскиот плоштад во рамки на манифестацијата „Првоаприлска шега 2024".

Тие го преполнија плоштадот со омилените детски ликови, маски и костими во разни бои, а сите низ игра и песни, уживаа во богатата програма што општината ја подготви заедно со институциите од областа на културата. Дополнителна одлична атмосфера овозможија присутните аниматори со кои дечињата се дружеа и забавуваа, а на крајот сите играа и пееја во ритамот на музиката на омилениот изведувач на младата публика, Христијан Настески -Пајак.

Жири-комисијата ги одбра најдобрите од вкупно 45 групни маски, доделувајќи осум признанија за: највесела, најсмешна, нај "ЗОО" маска, најнавивачка маска, најоригинална, најпролетна, најкреативна и најинвентивна маска. Генерален покровител на денешниот настан беше „Вива сокови".

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, им честиташе на сите учесници за тоа што секогаш се креативни и со голема посветеност се подготвуваат за овој прекрасен настан во чиј фокус се најмладите.

- Велат Крива Паланка е најубав град и јас го тврдам тоа, но сите што денес се овде можат да потврдат дека денес нашиот град има посебен сјај ,а тоа е благодарение на сите ваши насмевки и среќните лица што го исполнуваат плоштадот. Нема ништо поубаво од детската радост. Вашата радост, драги дечиња - нема цена и затоа, заедно со службите од општината и културните установи, и оваа година организиравме едно дефиле под маски во кое главната улога ја имате вие. Секој ден работиме со посебна енергија, не штедејќи се во ништо - за вас, за детската среќа и насмевки и тоа ми причинува посебно задоволство. Вие, драги дечиња, нѐ потсетувате дека низ работата, низ секојдневните обврски, за жал, често забораваме да се радуваме на малите нешта, на моментите кои вредат живот. Секое дете , како радост на животот - нѐ потсетува колку малку е потребно за среќа. Токму затоа, младите, децата, се постојано во фокусот на нашата работа како локална власт и ќе продолжиме и во следниот период да организираме настани и програма за најмладите, да креираме содржини кои ќе создаваат нови детски насмевки, рече Митовски.

Годинашната „Првоаприлска шега“ е дел од манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2024 15:35