Општина Ѓорче Петров во реонскиот парк со пригоден настан денеска го одбележа 2 април - Денот на раѓање на македонскиот херој, и нивен патрон и великан Ѓорче Петров, а во негова чест делегaција од oпштината предводена од градоначалникот Александар Стојкоски се поклони и положи букети цвеќе пред неговиот споменик.

Стојкоски истакна дека голема е честа да го славиме животот на историски личности кои оставија значаен печат во македонската историја.

-Посакувам неговата љубов кон Македонија на сите да ни биде инспирација во годините што доаѓаат. Тоа, ќе не однесе на добар пат да работиме во континуитет за подобрување на нашето секојдневие и условите за живот на локално, централно и регионално ниво, порача Стојкоски.

Тој посочи дека „Македонија е нашиот дом, нашата света земја и мајка на сите нас и нема дилеми кога станува збор за сочувување на слободата на ова парче земја“.

- Аманет ни е од Ѓорче Петров и другарите, македонските херои, да бидеме неуморни кога станува збор за доброто на нашата татковина. И тоа ќе остане за навек. Великаните ги поставија постулатите, ние само треба да ги следиме, кажа Стојкоски.

Потсети и дека неговите зборови ни се оставени на вечно чување, со аманет да не отстапуваме од нашите принципи и од желбата за борба.

-Ова се принципи и борби на модерното време. Урбано и модерно Ѓорче е нашата парола и за тоа се бориме во 21-виот век.Во годините што доаѓаат, заеднички да придонесуваме за унапредување на нашата заедница. Промените се во твои раце. Доаѓа време на промени, време во кое ќе ја направиме Македонија повторно горда. Ќе го направиме Ѓорче гордо и секој еден човек ќе биде свој на своето, најави градоначалникот Стојкоски, со пораката нека е вечен споменот на хероите.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2024 01:28