Русија употребува цела плејада хибридни тактики да го дестабилизира Западен Балкан, додека воената алијанса е длабоко ангажирана во стабилизација на регионот, изјави денеска на брифинг за новинарите Џулијана Смит, амбасадор на САД во НАТО.
- НАТО има долготрајно присуство во Западен Балкан, сојузниците неодамна беа во посета на Босна каде НАТО има своја мисија, покрај присуството на КФОР во Косово. И навистина уште од 1990-те Алијансата е фокусирана да направи сѐ што може да обезбеди стабилност во регионот, изјави Смит.
За да го дестабилизира регионот Русија се служи со „класичен список на инструменти“ од кои на прво место е дезинформацијата, укажа таа.
-Кремљ ја користи дезинформацијата нашироко во регионот за да ги подели општествата одвантре, да ја подели Европа одвнатре и како таа гледа на регионот, да ги подели Соединетите Држави од европските сојузници и нашите пријатели во Западен Балкан, изјави Смит.
Според неа, во списокот такви инструменти се и кибер нападите, злонамерните кибер напади и принудата. „Но Алијансата работи напорно во обратна насока, да го стабилизира регионот, затоа внимателно ја набљудуваме ситуацијата“, истакна Смит,
САД на ова поле работат со НАТО членките кои се во регионот, но и со аспирантот Босна и Херцеговина „на нејзините тековни реформи и мислиме и бараме начини да помогнеме Босна да ја модернизира нејзината војска“. Смит укажа дека НАТО има постоечко партнерство и со Србија.
Воеаната алијанса утре во Брисел одржува министерски состанок на кој меѓудругото ќе се дискутира и за војната во Украина, но и за одбележувањето на 75 - годишнината од создавањето на НАТО, на самитот во Вашингтон во јули. Ќе биде поздравен и влезот на Шведска во Алијанста, која стана 32 членка на воениот блок