Француската министерка за спорт Амели Удеа-Кастера денеска изјави дека нема „терористичка закана“ насочена кон летната Олимпијада во Париз, додавајќи оти церемонијата на отворањето на Игрите останува „централен план“.

„Ги следиме терористичките закани со сета потребна внимателност. Немаше никаква закана насочена кон Олимписките игри“, рече Удеа-Кастера во интервју за Франс 2.

Француската влада веднаш по нападот во концертната сала во Москва на 22 март, во кој загинаа 144 лица, одлучи да го подигне нивото на безбедност во земјата на највисоко ниво.

На прашањето дали има план Б за церемонијата на отворање на Игрите на 26 јули, Удеа-Кастера одговори дека церемонијата планирана на Сена сè уште е централниот план и дека „постои дискреција што мора да се почитува“.

Генералната проба на цереминијата на свеченото отворање на Игрите во Париз е најавена за 17 јуни.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2024 14:55