Британските туристички водичи кои се без работа или незадоволни од условите на работното место имаат можност да работат во Округот Чешир, западна Англија. Сепак, има еден специфичен услов: стручно познавање на животот и делото на поп-пејачот Хари Стајлс.
Месноста, имено, е преплавена со млади посетители кои доаѓаат да го видат родното место на музичката ѕвезда Хари Стајлс. За многумина ова „поп-поклоништво“ на пејачот е авантура за која сонуваат со месеци и години. За да овозможат што подобро туристичко искуство, властите организираа и аудиција за туристички водичи.
Сепак, тоа нема да биде класично интервју за работа, туку веројатно повеќе ќе личи на аудиција во стилот на емисиите како „Икс-фактор“, каде што Стајлс всушност и се прослави.
Според „Холмс чапел партнершип“ кои се организатори на изборот, кандидатите треба да бидат повозрасни од 16 години. Турите со водич се очекува да почнуваат во јуни и да траат до септември.
Напливот на обожаватели на Хари Стајлс од целиот свет доведе до „бум“ во бизнисот на пекарата „Холмс чапел“ во која пејачот работел со скратено работно време пред да се прослави како член на поп-групата „Уан дајрекшн“. Обиколката со водич ќе ги вклучи и училиштата каде што тој одел, викендичката со тераса каде што пораснал и околниот кинески ресторан каде што Хари ја одвел Тејлор Свифт. Интерес привлекува и вијадуктот „Твомлоу“, каде што Стајлс, наводно, првпат се бакнувал со некого.
„Ѕидот на Хари“ е оној ѕид каде што Стајлс го напиша своето име при снимањето на биографскиот филм објавен 2013 година. Оттогаш, обожавателите од целиот свет доаѓаат овде за да го напишат своето име покрај она на нивниот идол.
Официјалните лица постојано предупредуваа оти посетителите се изложуваат на огромен ризик минувајќи го патот до „Ѕидот на Хари“, сѐ дури не објавија мапа со побезбедна рута