Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак денеска соопшти дека за време на новата рунда дијалог на ниво на главните преговарачи на Белград и Приштина во Брисел, биле надминати некои разлики меѓу предлозите на двете страни и најави дека планира да го продолжи разговори наскоро, врз основа на идеите на ЕУ за постигнување компромис, јави дописникот на МИА од Белград.
Лајчак на социјалната мрежа Х изјави дека повторно разговарал со главните преговарачи на Белград и Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бисљимии, за привремено решение за луѓето кои биле засегнати од одлуката на Централна банка на Косово да ја забрани употребата на динари во Косово.
-Успеавме да премостиме некои празнини меѓу предлозите на двете партии. Планирам наскоро да ги продолжиме нашите разговори врз основа на идеите на ЕУ за компромис, напиша Лајчак.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Петар Петковиќ по средбата во Брисел изјави дека белградската делегација го претставила својот избалансиран предлог за решение на проблемот со платните трансакции, што подразбира компромисно решение, но дека Приштина не покажала волја за тоа.
Тој додаде дека позициите на двете страни се уште се далеку и оцени дека проблемот со динарот и многу други проблеми на Косово немаше да постојат доколку се формираше Заедницата на српските општини (ЗСО). Петковиќ најави дека за околу 10 дена очекува нов повик од Лајчак на тема динари и трансакциите со него.