Двајца пратеници од грчката радикално десничарска партија Спартанци, денеска ја напуштија пратеничката група и станаа независни откако беше објавена веста дека обвинителката од Врховниот суд побарала кривично да се гонат пратениците со исклучок на лидерот, за измама на гласачите на ланските парламентарни избори, јави дописничката на МИА од Атина.

Двајцата, сега веќе независни, пратеници Јоргос Манусос и Јанис Димитрокалис, упатија критики до претседателот на партијата Василис Стигас и соопштија дека си заминуваат од пратеничката група на Спартанци.

Како што претходно објави МИА, според грчките медиуми, по спроведената истрага на обвинителката од Врховниот суд произлегло дека вистинскиот лидер на партијата всушност е осудениот поранешен пратеник на Златна зора Илиас Касидиарис, кој моментално издржува затворска казна и тој е оној кој го имал главниот збор во Спартанци, како и во изборот на кандидати за пратеници на изборите во јуни 2023 година.

Лидерот на Спартанци Василис Стигас во писмена изјава ја обвини Владата дека кривичното гонење е за да се одвлече вниманието на јавноста од актуелните теми во земјата.

-Како претседател на пратеничката група на Спартанци ги поддржувам сите пратеници на партијата, за сите заедно обединети да чекориме до конечна победа за Грција и Грците!, рече Стигас.

На крајот на октомври минатата година Обвинителката од Врховниот суд на Грција преку документ до Парламентот побара дозвола пратениците да бидат повикани да дадат објаснувања бидејќи на парламентарните избори, покрај нивната официјална поврзаност со партијата Спартанци, сепак, се чини дека имале поддршка и директно водство од осудениот поранешен пратеник на Златна зора.

На изборите во јуни минатата година партијата Спартанци освои 4,68 отсто од гласовите и доби 12 пратенички места.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2024 04:04