Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска го прими американскиот амбасадор Џефри Ховениер, со кого разговарала за последните случувања во земјата, со посебен осврт на процесот за членство на Косово во Советот на Европа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението од кабинетот на Османи се наведува дека косовската претседателка и американскиот амбасадор разговарале и за подготовките за одржување вонредни локални избори во четирите општини на косовскиот север, населени со мнозинско српско население, „како и за различни аспекти на билатералната соработка“.

Синоќа амбасадорите на петте најмоќни држави акредитирани во Косово - Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство, познати како „Група Квинта“, исто така ја посетија Османи, а на средбата присуствувале и премиерот Албин Курти и претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца.

Во краткото соопштение од кабинетот на Османи по вчерашната средба се наведува дека на неа исто така станало збор за процесот на зачленување на Косово во СЕ, додека медиумите во Приштина шпекулираат дека амбасадорите на Квинта на косовскиот државен врв му ги изнеле условите што Периштина треба да ги исполни за да биде примена во СЕ, меѓу кои како главен се споменува формирањето на заедницата на општини со мнозинско српско население



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2024 04:13