Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Северна Македонија, во соработка со Специјалната Олимпијада, од денеска до 7 април во базенот на СЦ „Борис Трајковски“ организира регионален натпревар во пливање.
Настанот е во рамки на проектот на Обединетите нации „Младите за инклузија, еднаквост и доверба“. Ќе учествуваат спортиси со интелектуална попреченост од регионот, а целта е промовирање свест за инклузија преку спортот и регионална соработка меѓу младите во регионот. Настанот е поддржан од Делегацијата на Европска унија во Севернa Македонија.
Обединетите нации преку проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ ширум Западен Балкан, во период од две години (2022-2024), имаат за цел да ги поттикнат младите луѓе да создаваат конструктивни наративи, меѓукултурен дијалог и родова еднаквост, поттикнувајќи го меѓусебното разбирање и доверба во регионот.
- Иницијативата „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ цели кон обединување на младите од различно потекло, охрабрувајќи ја комуникацијата и размената преку спорт, култура, граѓанско образование и проекти во заедницата, вклучително и климатски и еколошки акции. Од клучно значење за иницијативата е подобрувањето на медиумската писменост и вештините за критичко размислување, поддршката на младите во борбата против негативната пропаганда, говорот на омраза и дигиталното насилство, со фокус на родовите прашања, се вели во најавата за настанот.