Европската комисијата го поздрави политичкиот договор постигнат вчера меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ за Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, во вредност од шест милијарди евра, како поддршка на Планот за раст на регионот, што таа го предложи лани во ноември.

Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен договорениот финансиски Механизам од шест милијарди евра е клучен чекор во процесот на проширување, што е клучниот геостратешки приоритет на ЕУ.

- Со комбинирање на зголемената финансиска помош и реформи ќе се забрза напредокот на нашите партнери од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, ќе се поттикне нивната економска конвергенција и подобро ќе се интегрираат во нашиот единствен пазар уше пред пристапувањето. Сакаме Западен Балкан побрзо да го приближиме до нашата Унија, порача Фон дер Лајен.

Европската комисија посочува дека Планот за раст на Западниот Балкан претставува понуда без преседан, што ќе им овозможи на земјите од регионот да ги почувствуваат некои од придобивките од членството во ЕУ уште пред самото зачленување.

- Механизмот ќе обезбеди зголемена финансиска помош во замена за социо-економски и фундаментални реформи дефинирани во амбициозните реформски агенди што ги подготвуваат партнерите од Западен Балкан, додава ЕК.

Вкупната сума на Механизмот за периодот 2024-2027 година е во износ од шест милијарди евра, од кои две милијарди евра грантови и четири милијарди евра позајмици под повластени услови. Најмалку половина од целокупниот пакет ќе биде распределен преку Инвестициската рамка за Западниот Балкан (WBIF), за поддршка на инвестиции во транспортната инфраструктура, енергетскиот сектор и за зелената и дигиталната транзиција, а останатиот дел ќе биде наменет како директна поддршка за националните буџети на земјите од регионот.

Средствата ќе бидат исплаќани двапати годишно, врз основа на барањата на земјите од Западниот Балкан и по одобрение од Комисијата, а за некои прашања и од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), доколку се исполнети сите релевантни услови. Станува збор за услови поврзани со квалитативните и квантитативните оценки за постигнатиот напредок и резултати во имплементацијата на договорени во реформски агенди, како и општите услови поврзани со макрофинансиската стабилност, управувањето со јавните финансии, транспарентноста и контролата над буџетот.

Доколку некои услови не се исполнети, Комисијата може делумно или целосно да ја прекине исплатата. По ваквата суспензија и во случај партнерите од Западен Балкан да не ги исполнат поврзаните услови за време на грејс период од една година, односно две години во првата година од имплементацијата, суспендираниот износ ќе биде повлечен и може да биде прераспределен меѓу другите корисници во следните години.

За финансирање на позајмиците, Европската унија ќе обезбеди четири милијарди евра на финансискиот пазар до крајот на 2027 година, а двете милијарди евра неповратна поддршка ќе се финансираат преку дополнителни ресурси утврдени со последната ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ.

Регулативата за создавање на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан сега треба и формално да биде одобрена од Европскиот парламент и Советот на ЕУ и таа ќе стапи во сила следниот ден од нејзиното објавување во Службениот весник на Унијата.

Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан е финансиска алатка што го поддржува Планот за раст на регионот, како нов инструмент за забрзување на подготовките на западнобалканските земји за членство во ЕУ со можност за користење на некои од неговите придобивки за граѓаните и бизнисите уште пред зачленувањето. Тоа за возврат би требало значително да ги забрза процесот на проширување на ЕУ и растот на економиите на земјите од регионот. Механизмот е комплементарен со помошта на ЕУ која веќе е обезбедена за регионот преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА).



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2024 13:33