На претстојните европски избори во јуни, Нова демократија би освоила 31,3 отсто, СИРИЗА 15,9, а ПАСОК 13,4 проценти од гласовите, според процените на агенцијата „MRB“ по истражувањето на јавното мислење спроведено од за грчката телевизија „Open“, јави дописничката на МИА од Атина.

На четвртата позиција е радикално десничарската Грчко решение со 9,9 отсто, двојно повеќе од гласовите што ги доби на ланските парламентарни избори, а Комунистичката партија падна на петтата позиција.

Осум од десет испитаници (80,6 проценти) рекле дека ќе гласаат на изборите, од нив 47,1 отсто како критериум ги одбрале внатрешните проблеми, а 33,5 проценти ќе гласаат за да придонесат за изнаоѓање решенија поврзани со ЕУ.

На прашањето кој е најсоодветен за премиер, 29, 9 отсто одговориле „никој“ од понудените десет лидери на партии, додека актуелниот претседател на Владата Кирјакос Мицотакис добива 27,5 отсто.

Над половина од анкетираните, односно 54,4 отсто сметаат дека „веројатно“ и „сигурно“ беше оправдан доставениот предлог за гласање недоверба на Владата од четири опозициски партии за железничката несреќа кај Темпи, а 82,2 проценти оцениле дека политичкиот дел поврзан со несреќата не заврши со неизгласаниот предлог за недоверба.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „MRB“ за грчката телевизија „Open“ било спроведено од 1 до 3 април со анкетирани 1.000 граѓани.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2024 13:43