Двократниот победник на Тур де Франс, Данецот Јонас Вингегард (Visma-Lease a Bike) скрши неколку ребра и клучната коска при падот во четвртата етапа од трката во Баскија, објави неговиот тим на социјалните мрежи.
„Беше страшен пад, но за среќа Јонас Вингегард е свесен и во стабилна состојба. Прегледите во болницата открија скршена клучна коска и неколку ребра. Тој ќе остане во болница како мерка на претпазливост“, соопшти тимот.
Засега не е јасно колку време Вингегард ќе треба да закрепнува.
Трката околу Франција, која е негова главна цел оваа сезона, стартува за 86 денови.
Инцидентот во кој се повреди Вингегард се случи во четвртокот на 35 километар пред целта на остар десен свиок во густа шума, при што паднаа најмалку 12 велосипедисти.