На меѓународниот аеродром во Тирана (ТИА) во првиот квартал од годинава забележан е рекорден број патници или 63,9 отсто повеќе споредено со истиот период минатата година.
Според управата на аеродромот, во периодот јануари-март регистрирани се вкупно 1.910.616 патници, наспроти 1.166.000 патници, за првите три месеци од 2023 година.
- Вреди да се напомене дека 2023 година беше рекордна по бројност на патници, каде до крајот на декември беа регистрирани над 7,2 милиони патници. Ова беше највисоката бројка досега забележана на меѓународниот аеродром во Тирана, наведуваат од управата.
Со новите договори за нискобуџетните линии како и со повеќето нови линии со директни дестинации, ТИА продолжува да бележи неспоредлив пораст на патници и тоа е уште поочигледно од годинашните бројки.
Менаџерите на аеродромот предвидуваа дека во 2024 година ќе пречекаат повеќе од 9 милиони патници, но со сегашниот тренд оваа цел се чини дека ќе биде надмината.
Месеци со најголем проток се очекува да бидат мај - октомври, период кога се додадени многу директни, сезонски дестинации, со цел што повеќе да се зголемат можностите за летување.
Рекордна бројка во првиот квартал Албанија забележала и во туризмот, ја посетиле над 1,7 милиони странски туристи.
Историски рекорд, по бројот на туристи, на годишно ниво, Албанија забележа лани, кога во земјата престојувале 10,1 милион туристи што е за над 2,5 милиони туристи повеќе во однос на претходната година.