Над 1.500 полицајци во соработка со повеќе од 1.000 граѓани од различни служби учествуваа досега во пронаоѓањето на убиеното девојче Данка Илиќ (2), но осомничените за ова злосторство се уште не сакаат да кажат каде е телото на детето поради отсуство на емпатија, јави дописникот на МИА од Белград.

Однесувањето на осомничените, за кои постојат докази дека извршиле кривично дело тешко убиство, државниот секретар во МВР Жељко Бркиќ го опиша како најмонструозна форма на човечкото однесување. Додека едниот детално опишал како ја убил Данка Илиќ, другиот решил да се брани молчејќи.

-Тешко е да се дознаат причините поради кои не сака да соработува. Но, кај нив се гледа толкав недостиг на емпатија и непромисленост, дури и сега кога е соочен со вистината осомничениот не сака да каже каде го сокрил телото на Данка Илиќ. Тоа покажува голем недостаток на емпатија. Тоа дете има право на достоинствен погреб, за да можат родителите да му посветат гробно место. Тие се лишени од секакво човечко чувство изјави Бркиќ на ТВ Пинк.

Тој кажа дека досега се собрани доволно докази врз основа на кои може да се подигне обвинението и додава дека иако осомничените за убиството на Данка Илиќ се обидуваат да избегнат одговорност, тоа нема да ги спречи надлежните органи да донесат соодветна пресуда.

Бркиќ наведе и дека е тешко ментално да се реконструира ова злосторство и дека се надева дека телото на Данка Илиќ наскоро ќе биде пронајдено.

-Се надевам дека телото на Данка ќе биде пронајдено, нема сомнеж дека детето е внесено во возилото од местото на контакт со возилото, рече Бркиќ.

Осомничениот Далибор Драгијевиќ (40) од Бор, на кој во саботата му е одреден притвор до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека му помогнал на Дејан Драгијевиќ (50), осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ по извршенување на кривичното дело, почина во Полициската управа во Бор.

-Смртта е констатирана вчера, пред тоа на осомничениот му се слошило. Со брзата интервенција на Итната помош и полицијата на осомничениот му била укажана помош, но и покрај се тој починал. Телото на Далибор Драгијевиќ е однесено на обдукција која ќе ја покаже точната причина за смртта, кажа Бркиќ.

Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, кои беа уапсени под сомнение за убиство на Данка Илиќ, беа сослушани во петокот вечерта, а вчера им е одреден притвор. Драгијевиќ пред обвинителот го признал делото, а Јанковиќ се бранел молчејќи. Потоа на двајцата им беше одреден притвор до 30 дена.

Во меѓувреме, полицијата ги уапси Радета и Далибор Драгијевиќ, таткото и братот на вчера починатиот Дејан Драгијевиќ, под сомнение дека му помогнале да го премести телото на убиената девојка. Таткото на сослушувањето се бранел со молчење.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2024 13:54