Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Косово соопшти дека жали што најголемата партија на косовските Срби, Српска листа нема да го поддржи гласањето за разрешување на градоначалниците на четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во изјава за неколку приштински медиуми, амбасадата наведува дека „демократското учество во гласањето прави водачите да бидат претставници на народот на кој му служат“.
- Жал ни е за изјавата на Српска листа дека ќе се повлечат од учество во гласањето за разрешување на градоначалниците на северните општини. Очекуваме Владата на Косово да биде чувствителна во однос на грижите на своите граѓани во северно Косово во текот на овој процес. САД и нашите партнери ќе продолжат внимателно да го следат овој процес, се вели во изјавата.
Од амбасадата посочуваат дека ставот на САД е јасен и непроменет, нагласувајќи дека тие ја поддржуваат „разноликата, инклузивна, мултиетничка демократија во Косово и слободните, фер и легитимни избори“.
- Како што постојано нагласуваат амбасадорот (Џефри) Ховениер и други претставници на американската влада, сметаме дека е важно граѓаните на Косово да имаат можност да го остварат своето право да ги разрешат претседателите во согласност со правната рамка на Косово, доколку тие одлучи да го сторат тоа, се вели во соопштението.
Американското дипломатско претставништво во Приштина изјави дека ги цени напорите на Централната изборна комисија на Косово да им овозможи на сите граѓани да учествуваат во овој демократски процес.
– Можност за учество имаат сите граѓани регистрирани на северот на Косово, се нагласува во соопштението на американската амбасада.
Српска листа соопшти дека одлучила да не учествува на гласањето на 21 април за разрешување на градоначалниците на четирите општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население.
Претседателот на таа партија, Златан Елек на прес-конференција во неделата изјави дека премиерот Албин Курти направил сé за да не успее референдумот за смена на градоначалниците Албанци во Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, кои беа избрани на последните локални избори со многу мал број гласови, откако Србите истите ги бојкотираа.
Србите и српските партии ги бојкотираа општинските избори во четирите северни општини, одржани на 23 април 2023 година.
По поставувањето на градоначалниците Албанци во општинските згради, со асистенција на полицијата, Србите предизвикаа немири на северот.
Подоцна се појави барањето за одржување нови избори, за што се изготви административното упатство, врз основа на кое е покрената петиција за разрешување на градоначалниците, по што, доколку се изгласа разрешувањето, ќе се распишат нови градоначалнички избори во четирите општини