Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) изрази разочарување од реакцијата на меѓународните претставници, откако вчера објави дека е против гласањето на 21 април за смена на градоначалниците Албанци во четирите општини населени со српско мнозинство на косовскиот северот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Српска листа вели дека e особено разочаранa од односот на германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде, кого го смета за еден од дипломатите кои се „заслепени од љубовта кон авторитарниот антисрпски режим на (косовскиот премиер) Албин Курти“.

- Српска листа и српскиот народ се разочарани од односот на меѓународните претставници, особено од односот на германскиот амбасадор Јорн Роде, кои се заслепени од љубовта кон авторитарниот антисрпски режим на Албин Курти и не ги гледаат едностраните движења на Приштина кои систематски ги кршат правата на српскиот народ на Косово со цел конечно етничко чистење на Србите од нивните вековни огништа, се вели во реакцијата на партијата.

ЛС го нагласува она што вчера на прес-конференција го кажа нејзиниот претседател, Златан Елек, дека вака замисленото гласање за разрешување на градоначалниците е „невозможно“ и „неизводливо“, бидејќи, како што вели, со тоа тие градоначалници се оставаат на власт.

На амбасадорот Роде, партијата, која е постојано и отворено во тесна комуникација и кооординација со властите во Белград, а кои исто така неколку пати го обвинија за „антисрпски“ ставови, вели дека е „добро информиран за сите пречки и замки“ процесот за разрешување на градоначалниците.

СЛ ги прашува претставниците на „Квинта“, како што се нарекуваат петте највлијателни западни држави кои имаат дипломатски претставништва во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција - што направиле „за да се постигне деескалација на ситуацијата на терен, како што ветија во јуни?“ и што направиле „во однос на почитувањето на бриселскиот договор и формирањето на Заедницата на српските општини“.

Од оваа партија се жалат и дека „режимот во Приштина“ доби визна либерализација, ја зголеми соработката со НАТО и е на пат да влезе во Советот на Европа.

– Бидејќи се заслепени од „демократијата“ на режимот во Приштина, меѓународните претставници не се подготвени да ги видат сите овие докази, што резултираше со нашата јасна одлука да не учествуваме во претставите на режимот на Албин Курти, се вели во реакција на СЛ.

Најголемата партија на косовските Срби на крајот од реакцијата порачува дека „нема да врши притисок врз Србите во врска со овој процес“.

Српска листа соопшти дека одлучила да не учествува на гласањето на 21 април за разрешување на градоначалниците на четирите општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население.

Претседателот на таа партија, Златан Елек на прес-конференција во неделата изјави дека премиерот Курти направил сé за да не успее референдумот за смена на градоначалниците Албанци во Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, кои беа избрани на последните локални избори со многу мал број гласови, откако Србите истите ги бојкотираа.

Србите и српските партии ги бојкотираа општинските избори во четирите северни општини, одржани на 23 април 2023 година.

По поставувањето на градоначалниците Албанци во општинските згради, со асистенција на полицијата, Србите предизвикаа немири на северот.

Подоцна се појави барањето за одржување нови избори, за што се изготви административното упатство, врз основа на кое е покрената петиција за разрешување на градоначалниците, по што, доколку се изгласа разрешувањето, ќе се распишат нови градоначалнички избори во четирите општини.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2024 16:49