МВР денеска соопшти дека се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот во Универзална сала во Скопје.
- Во врска со пожарот, во ПС ОН Центар се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот и тоа Б.Р. (50), З.Т. (60) и Б.И. (53). Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се наведува во соопштението од МВР.
Полицијата соопшти дека денеска околу 09:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека настанал пожар во Универзалната сала во Скопје. Веднаш по добиената пријава, на лице место се упатени полициски службеници и припадници на Бригадата за противпожарна заштита, кои околу 11:30 часот го изгаснале пожарот.
Како што се наведува во соопштението, со возило на Итната медицинска помош во Клиниката за токсикологија се однесени две лица Е.С. (48) и А.Т. (41) поради вдишување на чад.
Од страна на екипи на ЕВН во целата околина на салата е прекинато снабдувањето на електрична енергија, при што на ул. „Петар Поп Арсов“ во лифтовите на зградите имало заглавени две жени, кои биле извлечени од страна на Единицата за интервентна полиција.